Планскиот опфат претставува Државна урбанистичка планска документација за Технолошка индустриска развојна зона Струга, на локација м.в. “Маторник” КО Мислешево, општина Струга, со површина од 30,01ха.
Локалитетот на кој е предвидена Tехнолошко индустриска развојна зона (ТИРЗ) е поставен на 4,5км од градот Струга кон градот Охрид (клучка Подмоље), односно поточно од северна (десна) страна на магистралниот патен правец М-4 (Паневропски коридор – 8), делница Подмоље – Струга.
Сообраќајното поврзување на локалитетот (зоната) со основната патна мрежа на Република Македонија се предвидува со клучка во две нивоа со кои се овозможува едноставно и безбедно исклучување и приклучување на сообраќајните токови од и во магистралниот пат М-4 (Паневропски коридор – 8) од правец Струга – Охрид (клучка Подмоље). Сообраќајно поврзување на предметниот локалитет од правец Охрид (клучка Подмоље) се предвидува преку планирана клучка на цца 2,0км западно кон Струга и планирана со ГУП за градот Струга, сообраќајница која се предвидува да се продолжи до планираната клучка.
Државната урбанистичка планска документација во овој степен на изработка на планската документација е усогласена со Просторнот план на Република Македонија и Просторниот план на Охридско-преспански регион, како и Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, Законот за управување со светското културно наследство во Охридскиот регион и одредбите на Конвенцијата на УНЕСКО, Законот за заштита на природата, на тој начин, што врз основа на режимите на заштита, се организирани активностите за разработка на планската документација и изградба на градби, кои ќе се усогласат со барањата кои ги поставува одржливото користење на природата и современиот третман на заштита.
Планскиот опфат ја има следната наменска употреба на земјиштето:
- Производство, дистрибуција и сервиси – класа на намена Г, доминантна наменска употреба на земјиштето во Зоната
- Јавни институции – класа на намена В4, односно Царинска контрола со простор за терминал за тешки и лесни возила со управна зграда
- Зеленило и рекреација – класа на намена Д2 (заштитно зеленило)
- Комунална супраструктура – класа на намена Е2, односно главна мерно-регулациска станица (ГМРС).

