Генералниот урбанистички план за град Крива Паланка е документ кој ги зацртува основните правци на просторниот развиток на градот, а врз база на согледувањата за оптимална организација на просторот кој денес и во иднина ќе го зафаќа градот, и на погодностите кои ги нуди природата и создадените вредности од човекот.
Границата на планскиот опфат на ГУП Крива Паланка е дефинирана, како граница на градежен реон и истиот зафаќа површина од 615,00 ха, односно целосна површина на К.О. Крива Паланка, дел од К.О. Конопница, дел од К.О. Варовиште и дел од К.О. Градец.
Просторниот концепт на планот се задржува релативно ист како и извршената инвентаризација на лице место. Таа се темели на максимално почитување на постојното јадро и оформениот плански опфат.
Концепција на решението произлегува од постојната состојба и увидот на лице место. Со предложеното решение се задржува намента предвидената со сега важечкиот ГУП (стар ОУП), особено е водена сметка за максимално почитување на можностите и ограничувањата што ги нуди топографијата на теренот.
Пристапот кон идниот урбан развој, кој подразбира еколошки, економски, социјални и културни аспекти на градовите, е присутен во комплксот на целите и комплементарноста на стратегиите на развојот на градот. Развојниот модел на град Крива Паланка во идниот период подразбира:
- економски, социјални и културни аспекти на развој;
- рамномерен развој на форми на содржини и функции;
- минимизирање на временско-трошковна дистанца во однос стан-работа и стан-задоволување на останатите потреби на градот;
- намалување на загадувањето;
- урбана обнова и реконструкција, како противтежа во процесот на субурбанизација на градското подрачје;
- обнова и реконструкција на индустриската зона со воведување на еко-технологија;
- воведување на “зелени коридори” по ободот на градот
Концептот на “одржлив развој” претставува водечки принцип во планираниот развој на градот. Дефиницијата, целите и практички импликации на овој концепт се сметат како средство кое помага во формирањето на идеите за просторниот развој и хармонизација на просторот.
Моделот на одржлив развој на градот подразбира унапредување на економски развој, општествен развој и еколошки развој.
- Економски развој-економски раст, приватна иницијатива, експанзија на трговијата, екстремни трошкови
- Општествен развој-локална самоуправа, основни човекови потреби, правда, социјалност, технолошко ниво
- Еколошки развој-еколошки капацитети, заштита на ресурси и естетика
Утврдените глобални правци на долгорочниот стопански развој а врз основа на нив согледаната идна просторна организација, треба да влијаат во идниот период да се надминат во прв ред просторно-физичките диспропорции во областа на домувањето и станбената изградба.
Најважна улога при тоа треба да има дисперзија на производни капацитети кои со себе ја повлекуваат и станбената изградба на подрачјата на концентрација на производните сили.
Постигнувањата за порамномерен развој во идниот период директно се манифестираат и со порамномерна распределба на станбената изградба. Во тој смисол, планирањето на севкупниот стопански развој мора во себе да го интегрира и задоволувањето на станбените потреби. Станбената изградба и во наредниот период ќе детерминира еден од најзначајните правци на севкупниот стопански и општествен развој, бидејќи сеуште голем број на граѓани кои ја немаат задоволено една од основните човекови потреби – станбената.
Општината и градот Крива Паланка, сообраќајните врски со своето непосредно и пошироко опкружување ги остварува преку постоечката градска Магистрална улица – А2 и новопланираниот Автопат – А2- Коридор 8.
Низ градот поминува траса на железничка пруга за која е изработен изведбен проект и како таква е предвидена во ГУП-от со запазување на нормативи за заштитен појас на истата.
Низ градот поминуваат две реки Крива река и Дурачка река. Крива река градот природно го дели на два дела, што создава две целини десен брег од градот и лев брег од градот.
Градот Крива Паланка со вода за пиење се снабдува од изворите од Калин Камен и бунарскиот систем Св. Никола, кој се наоѓа по течението на Крива Река.
Одведувањето на отпадните води се одвива преку два колектори – лев и десен колектор. Десниот се протега од населбата Домачки дол до населбата Бегови Бавчи.
Предвидувањата за потрошувачката на електрична енергија и максимална едновремена снага, трансформаторите во 110 кВ трафостаници во потполност би ги задоволиле потребите за сигурно напојување на Кривопаланскиот конзум
Од извршениот увид на предметниот опфат со цел да се утврди наследениот градителски фонд на ниво на градот Крива паланка, се заклучува дека има помал број на објекти со високи архитектонски вредности во однос на објектите кои имаат амбиентална вредност.
Објектите кои во заштитно конзерваторските основи се означени како недвижни добра кои заслужуваат да бидат заштитени се со различни карактеристики и вредности и се создавани во различни временски периоди. Одреден број од овие објекти се предложени за идна валоризација.