Регионален водостопански систем „Треска“

RVS Treska

Со Просторниот План на Р. Македонија во областа на водостопанството се согледани расположивите водни количини на територијата на Републиката, сегашните и идни потреби од вода, водостопанската инфраструктура, заштитата, користењето на водите и развојот и потребите во водостопанството до 2020 год.

Постоечките водни ресурси во Републиката се нерамномерно распоредени, западната страна од територијата е богата со вода, додека источната е сиромашна. Анализирајки ги расположивите и потребите од вода состојбата во Р. Македонија состојбата е алармантна, водата ќе биде лимитирачки фактор за идниот развој.

Едно од решенијата кое се предлага со Просторниот план на Република Македонија е изградба на Регионален Водостопански Систем (РВС) “Треска”.

Р.В.С. “Треска” се предлага од повеќе причини:

– Сливот на реката Треска располага со голема количина на вишок од вода и по задоволувањето на сопствените потреби.
– Водите од р.Треска се со висок квалитет од 1-ва класа кај изворот до 2-ра класа кај вливот во р. Вардар.
– Местоположбата на Р.В.С. „Треска“ овозможува прифаќање на води и од други водостопански подрачја од Западна Македонија кои имаат вишок на вода
– Со Р.В.С. „Треска“ ќе се овозможи целосно искористување на веќе изградените водостопански објекти. Во периоди на суши, постојните акумулации „Мантово“, „Водоча“ и „Турија“ полни се со вода само 20 до 25% од вкупната можна запремина и се користат за водоснабдување на населението и прехранбената индустрија, додека потребите за наводнување на обработливите површини неможат целосно да се покријат.
– Со водите од Р.В.С. „Треска“ и со сопствените расположиви води од водостопанските подрачја „Скопско“, „Средна и Долна Брегалница“ и „Струмица“ ќе бидат покриени потребите на вкупно 935.700 жители и ќе се наводнува вкупно 88.569 ха.

Предложеното решение е анализирано во „Студија за можностите за реализација на (РВС) Треска“.