Проект “Спас на Дојранско Езеро”

Дојранското Езеро, кое се наоѓа на крајниот југоисточен дел од Р. Македонија со својот слив во географско еколошки поглед претставува една целина, која е поделена со административно – политичка (државна) граница меѓу Р. Македонија и Р. Грција.

Со меѓудржавен Договор (меѓу Југославија и Грција во 1956 година) договорени се максималната кота на нивото на водата во Езерото од 147,33 м.н.в. и минималната кота од 146,13 м.н.в., односно осцилацијата на нивото да изнесува 1,2 m. Површина на Езерото меѓу овие две коти е 40,6 km2, а волуменот на водата во Езерото V=233,25х106 m3.

Со оглед на фактот дека истекот од Езерото е на грчка страна,  согласно договорот, Р. Грција е обврзана нивото на водата да го одржува во рамки на договорени коти, но при мерењето во 1999/2000 год. нивото на водата изнесувало 142,31 м.н.в. со волумен од 65х106 m3.

Овој податок укажува на еколошката катастрофа во која се наоѓа Езерото и опасноста од исчезнување на истото.

Со цел да се изнајде решение за спас на Дојранското Езеро и да се спречи еколошка катастрофа, преку Министерството за животна средина и просторно планирање се пристапи кон изработка на проект за “Спас на Дојранското Езеро”. Реализацијата на овој проект започна со изработка на “Физибилити студија за обезбедување на дополнителни количини на вода за Дојранско Езеро” во која се анализирани можните изворници за обезбедување на потребните количини на вода. Врз основа на произлезените заклучоци од физибилити студија се пристапи кон изработка на “Студија за обезбедување на дополнителни количини на вода за Дојранското Езеро од алувијалната издан “Ѓавато” – Богданци”.

Во Студијата за обезбедување на дополнителните количини на вода врз основа на климатските карактеристики на Дојранската Котлина,  протеците на реката Вардар, хидрогеолошки истражни работи пошироката алувијална издан во локалитетот “Ѓавато” и промените на волуменот на Дојранското Езеро, направена е анализа на потребните количини на вода и времетраењето на полнење на Езерото. Со претпоставената динамика на полнење на Езерото (со најнеповолен хидролошки период) и расположивите количини на вода од 1,0 м3/сек потребното ниво на Езерото почнувајки од 2002/2003 г. ќе биде постигната во 2013/2014 г.