Коридорот за трансбалканскиот нафтовод „АМБО“

Ambo 1

Нафтоводот „АМБО“ е трансбалкански нафтовод кој почнува во Р.Бугарија од пристаништето Бургас на Црно Море, минува низ Р. Македонија и завршува во Р. Албанија на пристаништето Валона. Должината на нафтоводот е околу 900 km, а капацитетот е 770.000 барели дневно што претставува едно од поголемите, според капацитетот, нафтоводи во светот.

Во суштина овој нафтовод преку Црно Море ќе се спои со каспискиот нафтовод и ќе овозможи транспорт на касписката нафта преку Р.Македонија до Валона во Р. Албанија. Идејата за дистрибуција на нафтата од Русија до Балканот и пошироко кон Средоземјето и Југозападна Европа е од постар датум. Се поголемите потреби од нафта во овие подрачја го актуелизираше ова прашање што резултираше со формирање на Корпорација “АМБО” во Њујорк, САД, за проучување на изводливоста за изградба на нафтовод Р. Бугарија – Р. Македонија – Р. Албанија.

Поради значењето на нафтоводот Министерството за економија отпочна со активности за негова реализацијата. Меѓу првите активности кои мораше да бидат направени беше избор на најповолна варијанта на коридорот на нафтовод низ територијата на Р.Македонија, односно да се изработи “Елаборат за избор на најповолна варијанта на коридорот на нафтоводот АМБО”.

Во Елаборатот се понудени четири варијанти на коридори. Врз основа на извршените теренски увиди и направените компаративни анализи произлезе како оптимален коридорот Деве Баир – К. Паланка – Св. Николе – Велес – Богомила – Крушево – Сопотница – Ботун – Лакаица – граница со Р. Албанија.

Овој коридор е предложен на Владата на Р. Македонија и истиот е усвоен со препорака за превземање на активности за негова реализација.