Воспоставување и развој на просторно урбанистички информативен систем – ПУИС

Изградбата на единствениот просторно урбанистички информативен систем – ПУИС е законска обврска на Агенцијата која произлегува од член 56 на Законот за просторно и урбанистичко планирање. Поради овој факт како и заради определбата од примена на најсофистицирана информатичка технологија за изработка на плановите, Агенцијата уште од самите почетоци на своето постоење инвестираше во имплементација на ГИС технологијата како составен дел на секојдневното работење. Првите GIS и CAD софтверски лиценци се набавени во 1999 година и оттогаш па се до денес Агенцијата активно го гради, развива и одржува системот.

Во почетните години од развојот на системот поради сиромашниот фонд на дигитални податоци со кои располагаа одговорните институции во Република Македонија, најголемо внимание беше посветено на производство на векторски и атрибутни податоци кои ќе бидат основа за ГИС анализите и картографските презентации на планските решенија. Како резултат на ова сите до сега изработени просторни планови се во векторски ГИС формат.

Просторно урбанистичкиот информативен систем во Агенцијата денес е оригинален по својата структура, бидејќи ги интегрира GIS и CAD софтверските алатки преку стандардизирани WEB сервиси. Изграден е на база на клиент/сервер технологија која обезбедува брз и едноставен пристап кон просторните податоци преку ГИС апликации. Сите просторни податоци се организирани во централна база на податоци, а пристапот до нив е авторизиран со строго дефинирани ролји. Структурата на податочните сетови е идентична на темите кои се разработуваат во просторните планови, а растерските податоци се организирани во посебна база како растерски мозаици кои ја претставуваат соодветната целина. Интерните WFS сервиси се развиени согласно OGC (Open Geospatial Consortium) стандардите и се користат како основна картографска подлога за изработка на сите плански документи. WEB сервисите се достапни за преглед и пребарување на податоците и со стандардните интернет пребарувачи. Сите просторни податоци согласно евидентираните промени, постојано се ажурираат, а промените и достапноста до нив е моментална и со ArcGIS Pro и со AutoCAD Map софтверските алатки.

Вака структурираниот и стандардизиран систем овозможува ефикасната реализација на стратешката определба на Агенцијата да биде еден од клучните чинители во Националната инфраструктура на просторни податоци (НИПП).