УРБАНИСТИЧКИ ПРОЕКТ ЗА ТЕХНОЛОШКА ИНДУСТРИСКА РАЗВОЈНА ЗОНА – ТЕТОВО

Планскиот опфат зафаќа површина од 94,74ха. и периметар од 5118,39м. Се наоѓа источно од Тетово, односно северозападно од с. Сараќино.

Можните идни развојни фази на ТИРЗ “Тетово” треба да дефинираат плански опфат кој би се протегал западно во правец кон Тетово, во продолжение на планираната ТИРЗ “Тетово” и би претставувал  просторна целина во граница условена од создадени или планирани просторни чинители – железница, автопат, пат.

Подрачјето на планскиот опфат се наоѓа на левата страна од Автопатот Скопје – Тетово пред влезот во градот наспроти бензинската пумпа “Петрол Компани”. Оваа површина влегува во предложеното проширување на Втората заштитна зона на Изворот “Рашче”.

Локалитетот се протега на равен терен во Полошкото поле, на кој што терен до сега беа овошни засади.

Плански зацртаната флексибилност на просторот (можност за спојување на блокови) го услови сообраќајното решение, кое е поставено во корелација со стандардите и нормативите за планирање за индустриски и комерцијални комплекси. Мрежата на улиците, е во диктирана условеност од големината на Блокот. Димензиите на блоковите се добиени врз основа просторна анализа условена од секундарните внатрешни сообраќајници, противпожарните нормативи, условите за движење на големи транспортни возила, движење на пешаците во внатрешноста на блокот и водење на секундарната инфраструктура.

Со Урбанистичкиот проект, за првата развојна фаза, се предвидуваат следните наменски употреби на земјиштето:

–    Комерцијални и деловни намени – класа на намена Б;

–    Јавни институции- класа на намена В;

–    Производство, дистрибуција и сервиси- класа на намена Г и

–    Зеленило и рекреација- класа на намена Д.

Пристапот во Зоната е од патниот правец Скопје -Тетово, преку крстосница во две нивоа (труба). Сообраќајното решение дава можност за етапна реализација, односно да се изгради само една лента, за даден период на користење.

Предвиден е и резервен влез-излез во Зоната од сегашниот патен правец Тетово – Скопје.

Уличната мрежа е поставена во ортогонална шема. Централно, подолжно е поставена сообраќајница (од булеварски тип).

Покрај оваа сообраќајница уличната мрежа ја дефинираат и улиците од типот „Индустриска улица“.

ТИРЗ “Тетово” се наоѓа во близина на градот Тетово, но можност за приклучување на Зоната на водоснабдителната мрежа за градот Тетово нема, бидејки градот се соочува со недостиг на вода.

Најблиското село до Зоната, Сараќино, кое се водоснабдува од заеднички водоснабдителен систем со селата Седларце и Фалише, исто така се соочува со недостаток на вода.

Зоната се наоѓа покрај реката Пена. На просторот на кој се предвидува изградба на Зоната има подземни води кои би можела да се користат за водоснабдување. Решение за водоснабдување на Зоната е изведба на бунари покрај реката. Се предлага на овие бунари да се приклучи и селото Сараќино.

На просторот на кој се предвидува изведба на бунарите потребно е да се направат хидрогеолошки истражни и пробно експлоатациони работи со кои ќе се утврди издашноста и капацитетот на бунарот (бунарите). Исто така треба да се направат и испитувања со кои ќе се утврди и квалитетот на водата, односно дали физичко – хемиските и бактериолошките карактеристики на водата ќе одговараат на критериумите за санитарно хигиенски исправна вода.

За поголема сигурност во квалитетот на водоснабдување на Зоната (изравнување на часовата неравномерност и обезбедување на вода за противпожарна заштита) се предвидува изградба на резервоар.

Во ТИРЗ “Тетово” се предвидува изградба на сепарациона канализациона мрежа.

Локацијата на која се предвидува ТИРЗ “Тетово” влегува во предложените граници за проширување на втората заштитна зона на изворот Рашче, поради што се препорачува просторот да биде под мониторинг и да се применуваат мерки со кои ќе се намали загадувањето на животната средина.

Поради осетливоста на просторот од загадување потребно е да се превземат максимални мерки за да не дојде до загадување на површинските, подземните води и земјиштето од отпадните води во зоната.

За одведување на санитарните отпадни води и отпадните води од производните погони предвидена е изградба на фекална канализациона мрежа. Отпадните води ќе се одведуваат во заедничка пречистителна станица, која ќе биде предмет на посебен Урбанистички проект. Доколку од производниот процес се испуштаат отпадни води кои ќе ја отежнат или оневозможат работата на пречистителната станица секој субјект е должен да изврши предтретман на отпадните води пред да бидат испуштени во примарната канализациона мрежа.

Пречистената вода преку колектор ќе се испушти во најблискиот реципиент (реката Пена).

За прифаќање и одведување на атмосферските води предвидено е да се изведе атмосферска канализациона мрежа.

Атмосферските води од зоната ќе се одведуваат преку колектор во најблискиот реципиент.

Развојот на гасоводниот систем во Р. Македонија во наредната фаза од својата изградба согласно со планските решенија дадени во Просторниот план на Република Македонија и идејните решенија кои се разработени во АД “ГАМА” предвидува проширување на магистралната мрежа кон западниот дел на Републиката и изградба на разводен магистрален гасоводен крак кон Тетово. Капацитетот на планираниот разводен гасовод треба да ги задоволи потребите на индустриските капацитети како и индивидуалните и комерцијалните потрошувачи во попатните места кои ги поврзува. Поради ова се создаваат реални услови за искористување на природниот гас како енергетско гориво за потребите на Технолошката индустриска развојна зона “Тетово”. Ваквото решение ќе овозможи доследно почитување на стандардите за квалитетот на воздухот и животната средина.

Инсталираната електричната моќност и потрошувачката на електрична енергија за корисниците од ТИРЗ-Тетово дирекно се зависни од  карактерот и големината на стопанските активности, користената технологија за производство и сл. За определување на овие електрични параметри користени се показатели и искуства од слични индустриски-развојни зони. Според овие искуства, инсталираната електрична моќност изнесува 250 kVA на еден хектар површина од зоната.

Низ површината на ТИРЗ-Тетово минуваат три 10(20)kV далновод во правец запад-исток. Два од овие далноводи, ќе бидат каблирани со 10(20)kV кабли поставени во инфраструктурни коридори, додека третиот, 10(20)kV извод Групчин, ќе биде изместен надвор од површините на зоната.

За расчистување на локацијата на ТИРЗ “Тетово” ќе биде потребно да се дислоцира и ТС-ЗИК, која што се наоѓа во јужниот дел од ТИРЗ  “Тетово” и со далновот е приклучена на 10(20)kV извод-Групчин.

Корисници од ТИРЗ “Тетово” во комуникацискиот сообраќај ќе бидат приклучени на оптичкиот кабел кој минува покрај автопатот Скопје-Тетово.

Новите технологии во сферата на комуникациите, дигиталните системи, широкопојасните услуги ќе бидат имплементирани во зоната зависно од барањата на крајните корисници. Со предложеното решение корисниците од ТИРЗ-Тетово ќе имаат можност да имаат квалитетна комуникациска врска.

За осветлување на сообраќајниците предвидени се светилки тип: 1651 Minitonale SAP-T250W, со натриумови високопритисочни сијалици од 250W, кои ќе се монтираат со помош на 2,5м високи лири на столбови со височина од 8м.

ТИРЗ “Тетово” се предвидува да се огради согласно  Правилникот за поблиските критериуми и начинот за уредување на Технолошко индустриските развојни зони.

Се предвидува изградба на патека за интервенции паралелно со оградата на Зоната со широчината од 3м која треба да е осветлена.

При изработката на планската документација почитувани се мерките за заштита на животната средина и природата, мерките за заштита на културното наследство и мерките за заштита и спаување.

За проектот дадени се општи и посебни услови за градење.

За секоја градежна парцела во планскиот опфат, потребно е да се изработи Архитектонско – Урбанистички проект.