УРБАНИСТИЧКИ ПРОЕКТ ЗА АЕРОДРОМ АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ – СКОПЈЕ, ОПШТИНА ИЛИНДЕН И ПЕТРОВЕЦ

Потребата Република Македонија да го развива авиосообраќајот со високи перформанси наложува реконструкција и проширување на постоечкиот аеродром Александар Велики.

Овој Урбанистички проект претставува основа за изработка Архитектонско-Урбанистички проекти за градежните парцели дефинирани според оваа планска документација, кои ќе бидат основа за издавање локациски услови за изградба.

Планскиот опфат зафаќа површина од 331,29ха и се наоѓа источно од Скопје на 25км.

Со Урбанистичкиот проект, се предвидуваат следните наменски употреби на земјиштето:

–    Комерцијални и деловни намени – класа на намена (Б)

–    Јавни институции- класа на намена (В)

–    Производство, дистрибуција и сервиси- класа на намена (Г)

–    Зеленило и рекреација- класа на намена (Д)

Проектниот концепт се потпира и на предвидената квалитетна инфраструктура.

За целиот комплекс на локалитетот Аеродром “Александар  Велики” предвидена е мрежа од сообраќајници, преку која ќе се овозможи директна комуникација до секој планиран  објект  или  локација.

За  потребите  на  корисниците  пред  аеродромскиот  терминал  предвиден  е паркинг  простор  за  лесни  моторни  возила  со  капацитет  од  864  паркирни  места. Исто  така  е  предвидена    изградба и  на  царински  транспортен  терминал  со  капацитет  од  48  паркирни  места.

За водоснабдување на аеродромот “Александар Велики” ќе останат во употреба бунарите во атарот на селото Кадино.

За обезбедување на подобар квалитетот во водоснабдувањето (изравнување на часовата нерамномерност и обезбедување на вода за противпожарна заштита) потребен е резервоарски простор.

Се предвидува изградба на сепарациона канализациска мрежа – фекална и атмосферска.

Фекална канализациoна мрежа предвидено е да биде изведена од цевки со минимален дијаметар f250 мм и истите се дефинирани во зависност од расположивите теренски услови (падови на улиците).

Колекторот f400 со кој се одведуваат отпадните води кон биодискот се задржува.

Место положбата на пречистителната станица ќе биде предмет на натамошна планска документација со која ќе бидат разработени климатските, топографските, хидрогеолошките и др. елементи потребни за најповолен избор.

Испуштањето на атмосферските и пречистените отпадни води се предвидува да биде во одводните канали, во т.н. “Арачиновски канал” и каналот од селото Миладиновци, кои се дел од одводниот систем на Скопско Поле.

Развојот на гасоводниот систем во Р. Македонија во наредната фаза од својата изградба согласно планските решенија дадени во Просторниот план на Република Македонија и идејните решенија кои се разработени во АД “ГАМА” во догледен период не предвидува проширување на магистралната мрежа кон Аеродромот Александар Велики.

Инсталираната и едновремената електрична моќност како и потрошувачката на електрична енергија за корисниците зависни се од големината на површините со одредена  намена.

Приклучок на дистрибутивната мрежа за ова едновремена моќност ќе се изврши по се според добавената согласност која инвеститорот треба да ја побара од ЕСМ-ЕВН Македонија.

За идните корисници во овој локалитет обезбедени се вкупно 6 локации за 10(20)/0,4kV трафостаници со инсталирана моќност од 2x630kVA.

За приклучок на корисниците од аеродромот на текекомуникацискиот систем предвидени се две локации на кои може да се постави активна опрема, во новата управна зграда и во новиот терминал.

Во комуникацискиот сообраќај ова опрема ќе биде приклучена од постојната телефонска мрежа, прстен на кој е приклучена телефонската централа во Петровец.

За осветлување на сообраќајниците предвидени се светилки тип: 1141 Sempione SAP-T-250W со натриумови високопритисочни сијалици. Висината на столбовите е 10м а нивното меѓусебно растојание е 35-50м. Столбовите се со по една светилка и ќе бидат поставени надвор од коловозните површини, во тротоарите.

При изработката на проектната документација почитувани се мерките за заштита на животната средина и природата, мерките за заштита на културното наследство и мерките за заштита и спаување.

Дадени се општи и посебни услови за градење.