Урбанистички план вон населено место за граничен премин Ново Село

Планскиот опфат зафаќа вкупна површина од 6,16 ха. и вкупен периметар  1307,51 м, а се наоѓа источно од населено место Ново Коњарево во близина на граничната линија меѓу Р.Македонија и Р.Бугарија. Поконкретно, локацијата се наоѓа на патот А4 - (Граница со Косово – граничен премин Блаце – крстосница Стенковец – обиколница Скопје – Петровец – Миладиновци – Свети Николе – Штип – Радовиш - Струмица – граница со Бугарија – граничен премин Ново Село), поранешна категоризација на државниот пат како магистрален пат М-6 (БГ – Ново Село – Струмица – Радовиш – Штип – М-5; Крак: Струмица – М-1).

Сообраќајниот концепт е основа за планскиот концепт. Програмските барања и постоечката сообраќајна инфраструктура го услови планираното сообраќајно решение, кое е поставено во корелација со стандардите и нормативите за планирање на ГРАНИЧНИ ПРЕМИНИ:

За проток на возилата и патниците на граничниот премин, предвидени а гранична лира со 2+2 ленти за проток на лесни коли и автобуси, и 1+1 летни за проток на товарни возила, со вертикална и хоризонтална сигнализација и дигитални информатички табли (во различни димензии), со што сообраќајниот проток се смета за опслужен.

Урбанистичкиот план вон населено место предвидува флексибилност на просторот што го услови внатрешното сообраќајно решение, кое е поставено во корелација со стандардите и нормативите за планирање за гранични премини, согласно Уредбата за стандардите и нормативите за планирање, изградба и уредување на објектите кои ги користи Министерството за внатрешни работи на граничните премини. Мрежата на улиците е во диктирана условеност од големината на Урбанистичкиот блок. Големината на Урбанистичкиот блок е добиена врз основа на просторна анализа, условена од противпожарните нормативи, условите за движење на големи транспортни возила, движење на пешаците во внатрешноста на опфатот и водење на секундарната инфраструктура.

Со овој  Урбанистички план вон населено место за ГРАНИЧЕН ПРЕМИН  , се предвидуваат следните наменски употреби на земјиштето (дефинирањето е според Член 30 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (Сл.весник. на РМ бр. 63/12, 126/12, 19/13, 95/13 и 167/13):

  1. Зеленило и рекреација – група на класа на намени (Д)
  2. Инфраструктура – група на класа на намени (Е)

 Зеленило и рекреација – група на класа на намени Д ;

  • Заштитно зеленило – основна класа на намена (Д2)

Инфраструктура – група на класа на намени Е;

  • Комунална супраструктура – основна класа на намена (Е2);
  • Некомпатабилна инфраструктура – основна класа на намена (Е3)

За сите содржини – градби во планскиот опфат, да се изработи Архитектонско – Урбанистички проект, како и основни проекти за градбите и основните проекти за инфраструктурата,  согласно важечките законски регулативи.

Граничниот премин НОВО СЕЛО се наоѓа на граница на Република Македонија со Република Бугарија и согласно категоризацијата на граничните премини на Националната стратегија за интегрирано гранично управување (точка 13) и Националниот акционен план за интегрирано гранично управување ГП Ново село, тој е категоризиран како граничен премин од II-ра категорија – Регионални гранични премини со следниве карактеристики:

-  Гранични премини на Република Македонија, отворени за меѓународен сообраќај – движење на лица, превозни средства и стока, со можност за определени ограничувања и/или забрани. На овие гранични премини е обезбедено присуство на граничната полиција и царината, додека останатите државни органи кои остваруваат дејност на граничните премини, по оценка се присутни постојано или повремено.

Преку  овие гранични премини:

-       границата моажат да ја преминуваат граѓаните на Република Македонија и граѓаните на странски држави со потребна патна исправа и виза доколку е потребна во одредени часови од денот;

-       можат да се пренесуваат (изнесуваат и внесуваат на територијата на Република Македонија) одредени видови на стока во согласност со царинските и другите прописи;

границата можат да ја преминуваат само определени видови на превозни средства.