Просторен план на регионот на сливот на река Треска

Потребата од изработка на Просторен план на регионот на сливот на реката Треска произлезе од решенијата дефинирани во Просторниот план на Република Македонија.
Со анализа на површинското истекување изразено преку специфичното истекување, утврдено е дека најбогати со вода се сливовите во западна Македонија (реките Радика, горен Вардар и Треска). Најмали специфични истекувања, односно најсиромашни со вода се сливовите во источна Македонија (реките: Струмица, Брегалница и Пчиња).

Подрачјата во источна Македонија со сопствените расположиви води не можат да ги покријат потребите од вода – потребни им се нови изворници. Проблемот од недостиг на вода се предвидува да се реши со префрлување на вишокот на водите од еден во друг слив, односно од богати во сиромашни водостопански подрачја. За таа цел со Просторниот план на Република Македонија е зацртана изградба на Регионален водостопански систем (Р.В.С.) “Треска”, со кој се зафаќаат водите од реката Треска и ќе се префрлаат кон источна Македонија, односно кон подрачјата кои се соочуваат со недостиг на вода.

Сливот на реката Треска исто така се карактеризира со чисти води, а една од основните стратешки определби на Просторниот план на Република Македонија е заштита на водите од прва и втора класа, од кои е предвидено да се врши водоснабдување на населени места. Заштита на квалитетот на водите во сливот на река Треска, како една од најважните резерви на чиста вода во Републиката, треба да претставува организиран систем на техничко-технолошки мерки и водење соодветна водостопанска и економска политика на просторниот развој.

Планот е ориентиран кон изнаоѓање на патишта и можности за решавање на сложените просторни проблеми и конфликти во интеракција со развојните процеси, текови и ограничувања. Според тоа, Планот е проблемски ориентиран, но не само на проблемите од моменталната состојба, туку и на проблемите кои се во временска смисла долгорочни и чие решавање и отстранување има стратешка димензија во развојот и просторно-функционалната интеграција. Поради тоа, Просторниот план се дефинира како документ со трајни вредности, а ќе се усогласува со сите развојни документи што ќе бидат изготвувани и донесувани.

Просторен план на регионот на сливот на река Треска