Просторен план на Скопскиот регион (2005 – 2020), нацрт

Просторниот план на Скопскиот регион претставува разработка на Просторниот план на Република Македонија, кој го опфаќа просторот на Скопската котлина, односно Скопскиот плански регион, согласно НТЕС класификацијата. Собранието на Република Македонија го утврди нацрт Просторниот План на Скопскиот регион на седницата одржана на 23.02.2011 год.
Планот претставува долгорочен, интегрален, развоен документ, кој ја дефинира просторната организација на Регионот, целите и концепциите на просторниот развој на одделни области и условите за нивна реализација. Тоа е мултидисциплинарен проект, изготвен врз основа на 18 експертизи изработени од повеќе стручно-научни институции со учество на голем број специјалисти и супспецијалисти од различни области. Изработката на ПП на Скопскиот регион започна со усвојување на Програмата за изработка на просторни планови во 2002 година од страна на Владата на РМ. Просторниот план на Скопскиот регион е документ кој обезбедува конзистентност и коресподенција на ГУП-от на градот Скопје и урбанистичките планови на општините на подрачјето на регионот, со Просторниот план на Државата.

Планот опфаќа територија на која се сместени вкупно 155 населби, со 578 144 жители, административно организирани во 17 ЕЛС.
Површината на планскиот опфат изнесува 1815 км2. Основни цели на Планот се:

– Дефинирање на просторен модел за рационална организација, уредување и заштита на Регионот;
– Утврдување на оптимална дистрибуција на активности, физичките структури и населението, врз основа на просторно-функционалните економските, техничко-технолошките, и еколошките и критериуми базирани на принципите на одржлив развој;
– Обезбедување услови за усогласено функционирање на постојните и планираните инфраструктурни системи, населби, производните капацитети и други системи;
– Рационално искористување на природните ресурси и заштита и ревитализација на создадените вредности;
– Функционална, економска и социјална интеграција на Регионот со соседните региони во национални и интернационални рамки.