Просторен план на Република Македонија (2004 – 2020)

Просторен план на Република Македонија. Со усвојување на Просторниот план на Република Македонија на седницата на Собранието одржана на 11.06.2004г; нашата држава доби еден од основните документи на кој се темели и се потврдува самостојноста на нашата Држава. Како плански документ од највисоко национално значење, Просторниот План претставува стратешки, долгорочен, интегрален и развоен документ со кој се обезбедува организирање, заштита и управување со просторот на Државата како особено вредно и ограничено национално богатство.
Концептот на долгорочен просторен развој на државата до 2020 год. поставен во Просторниот план, во голема мера се базира на усвоените секторски стратегии во одредени сегменти од развојот, сите документи од национален карактер и комплетно методолошки се потпира на доктрината на одржлив развој, што му дава полно право да го добие епитетот и тежината на стратегија за просторен развој на државата.

Просторниот план е со долгорочен карактер, односно со временски хоризонт до 2020 год; но базиран на принципот на флексибилност и прилагодливост на развојните процеси и структурни промени кои ќе се случуваат. Тоа во прв план ја истакнува неговата процесност и постојано активно прилагодување на планерските решенија со тоа што ќе се случува во праксата и изнаоѓање на максимални опции за зачувување на интегралноста на просторот и неговиот квалитет.
Основа за оформување на синтезниот концепт на организацијата, уредувањето и користењето на просторот на Републиката, како негова стручно-научна поддршка, односно документација на Планот претставуваат дваесет и два експертни елаборати, во чија изработка, на различни начини на соработка се вклучени околу 25 научни и стручни институции и органи на управата со учество на околу 180 научни и стручни работници.

Содржината на Планот е структуирана во 3 тематски целини:

1. Состојби и тенденции во организацијата, користењето и уредувањето на просторот на Републиката;
2. Цели за организација и уредување на просторот и
3. Концепт на организација, користење и заштита на просторот на Р. Македонија.

Поставките и решенијата предвидени со овој План, треба да се операционализираат преку просторните планови на регионите и подрачјата од посебен интерес, просторните планови на општините, урбанистичките планови на населените места и друга документација за планирање и уредување на просторот. Поради постигнување на оптимална кореспондентност помеѓу просторно-планската и урбанистичката документација на сите нивоа, истите треба да бидат усогласени со Просторниот план на Р. Македонија. Поради ваквото значење на Просторниот план, со донесувањето на Планот се донесе и Закон за спроведување на Просторниот план на Република Македонија (Сл. весник бр. 39/04).

Просторен план на Република Македонија