Просторен План на регионот на заштитните зони на изворот Рашче

Изворот Рашче се наоѓа на 15 км. западно од Скопје, поточно во југо-источното подножје на планината Жеден, до истоименото село Рашче на кота 299,68 м.н.в. Тој претставува главен изворник за водоснабдување на населението и индустријата од скопскиот регион и ги овозможува виталните функции на 25% од населението во Македонија. Поради исклучителното значење на изворот, како резултат на поширока иницијатива на стручната и научна јавност, донесена е Одлука за утврдување на границите на заштитните зони на изворот и определување на мерки за заштита (Сл. весник на РМ бр. 36/90). Со Одлуката се утврдени три заштитни зони. Значењето на изворот Рашче за Скопје и скопскиот регион, како и за целата држава и сознанието за потребата од заштита на просторот во рамките на заштитните зони, беше причина и мотив за изработка на посебен стратешки документ за заштита на потесното и пошироко заштитено подрачје на изворот, насловен како Просторен план на регионот на заштитните зони на изворот Рашче.

Основна цел на изработувањето на Просторниот план е создавањето на документ со помош на кој ќе се насочува развојот на просторот на Првата и Втората поширока заштитна зона на изворот Рашче до 2020 год. по пат на оптимално користење на просторните и природните погодности, локалните услови и можности, а во согласност со заштитата на квалитетот, стабилноста и режимот на изворот Рашче. Со овој План се одредуваат мерките за заштита на изворот, преку плански решенија за разместеноста на дејностите и стопанските капацитети, развојот на населбите, инфраструктурните системи, намената и користењето на земјиштето и одржливото користење на природните ресурси. Планот има задача да обезбеди директно учество на локалното население и стопанските субјекти во имплементацијата на мерките и режимите на заштита, за да се сочува квалитетот, стабилноста и издашноста на изворот Рашче. Во границите на I и II заштитна зона лоцирани се вкупно 39 населени места кои административно припаѓаат на 7 општини: Кондово, Сарај, Јегуновце, Теарце, Вратница, Желино и Џепчиште. Единствено општината Јегуновце со целокупната територија и сите 11 населените места целосно лежи во границите на заштитните зони.

На просторот на утврдените граници на заштитните зони дефинирани со Одлуката, предвидени се мерки за заштита, групирани во четири степени. Во сите степени на заштита дефинирани се соодветни мерки кои се однесуваат на следните домени:
- развој и уредување на населбите;
- полјоделство;
- сточарство;
- водостопанство и комунално уредување;
- експлоатација на минерални суровини;
- шумарство

Просторен план на регионот на заштитните зони на изворот Рашче