Просторен план на Охридско-Преспански регион (2005 – 2020)

Просторниот план на Охридско-преспанскиот регион е донесен од собранието на Република Македонија на седницата одржана на 11.02.2010 г. Согласно законот за просторно и урбанистичко планирање и методологијата на изработка, Планот претставува разработка на просторниот план на Република Македонија. Непосреден предмет на изработката на Планот претставува дефинирање на долгорочна стратегија за уредување и користење на просторот и ефикасна заштита на животната средина, природата и културно- историското наследство во Регионот на Охридското и Преспанското езеро.

Високата вредност на просторот за кој се изработува Планот потврдена е со евидентираното богатство на биодиверзитетот и уникатноста на екосистемот искажани со присуство на бројни ендемски и реликтни растителни и животински видови. Исто така, застапеноста на високовредните атрибути на антропогените активности, чие значење ги надминува границите на Регионот и Државата, го комплетира списокот на особеностите кои допринеле Охридското езеро и градот Охрид да бидат прогласени за дел од Светското културно наследство, под непосредна заштита на УНЕСКО. Планскиот опфат е дефиниран со сливноте подрачја на Охридското и Преспанското Езеро, што се совпаѓа со административните граници на 5 ЕЛС: Охрид, Струга, Ресен, Дебарца и Вевчани. Вака дефиниран, просторниот план опфаќа простор со површина од 2318 км2, населена од 143.890 жители.

По својот карактер, структура и содржина, Планот претставува стратегија за организација, уредување, користење и заштита на просторот на регионот. Тоа е мултидисциплинарен проект, методолошки базиран на принципите на одржлив развој, фокусиран пред се врз заштитата на просторот, биодиверзитетот и културното наследство запишано во списокот на УНЕСКО. Составен дел на Планот се 17 експертни елаборати-студии од поедини области, во чија изработка учествуваа стручни лица од повеќе научни и стручни институции во државата.

Просторниот план има за цел создавање на порационална организација на различните видови на користење на земјиштето, како и нивна меѓусебна поврзаност, со што би требало да се избалансираат потребите од социоекономски развој, заштитата на животната средина и нивото на техничката опременост на просторот.

Основни задачи на Просторниот план се:

  • Да го координира регионалниот развој со цел обезбедување внимателно управување со природните и културните ресурси, и обезбедување на ефикасен систем на населби и инфраструктурна мрежа;
  • Да го усогласува влијанието на останатите секторски политики во просторот, со цел интензивирање на социоекономскиот развој и обезбедување кохезија на целиот регион;
  • Да придонесува кон намалување на несаканите диспаритети меѓу субрегионите, да обезбеди подеднакви услови за живеење за сите граѓани и да создава услови за одржување на стабилна еколошка рамнотежа.

Имајќи ја предвид хиерархијата на планските документи и комплексноста и систематичноста на планерскиот процес, овој план претставува и концептуална рамка за изработка и ревизија на планска документација од пониско ниво.

Меѓународниот карактер на Регионот кој е предмет на изработка на Планот наметна иницирање на соработка на трилатерално ниво во сите сегменти на развојот и поставување на основи на одржлив економски и социјален развој и интегрална заштита на просторот во трите држави (Македонија, Албанија, Грција).

Просторен план на Охридско-Преспански регион