Просторен План на регионот на акумулацијата “Козјак” (2000 – 2020)

Потребата за изработка на Просторен план на регионот на акумулацијата “Козјак” е условена од изградбата на акумулацијата која резултира со темелни промени во просторот, микроклимата, пејсажот, сообраќајот, во начинот на работење и живеење на населението. Просторниот план ја утврдува стратегијата за долгорочен просторен развој, уредување и користење на просторот на регионот, развојот на населените места и услови за квалитетно живеење, врз основа на постојните природни и други потенцијали и можностите за стопански социјален и културен развој.

Географската положба, природните својства и атрактивноста на поблискиот и поширокиот простор на акумулацијата “Козјак”, даваат широки можности за развој, пред се на туризмот и рекреацијата, а со тоа на вкупното стопанство.
Постојат реални оценки за забрзан развој на овој регион, а секако најзначаен индуктор ќе преставува инфраструктурата со придружните објекти и близината на Скопје, административен, културен и стопански центар на Република Македонија, со големи потреби за спортски и рекреативен туризам.
Просторниот план се однесува на поширокото и потесното подрачје на акумулацијата ‘Козјак” во кањонот на реката Треска и, просторот помеѓу планините Караџица, Јакупица и Даутица од исток, Сува Гора од север, Добра Вода од запад и Бушава Планина и Сач од југ, со вкупна површина од 25. 510 ха.
Овој простор ги опфаќа административните подрачја на населените места: Самоков, Калуѓерец, Ковче, Долно Зркле, Рамне, Брест, Косово, Растеж, Требовље, Близанско, Здуње, Боровска Брезница,Тажево и Белица.

Планските решенија на овој регионален просторен план, во кој се вградени основните поставки на Просторниот план на Република Македонија, обезбедуваат уредување на просторот преку планска изградба до 2020 г., стопанска активност во рамките на одржливиот развој на регионот со сите неопходни мерки за заштита на животната средина.
Вкупниот развој на просторот, користењето и уредувањето се усогласени со дефинираните три зони на заштита околу акумулацијата, во кои се утврдуваат посебни услови за користење на земјиштето, за изградба и користење на објекти, експлоатација на шумите и вршење на други дејности.

Просторен план на регионот на акумулацијата Козјак