Годишен извештај за спроведување на Просторниот план на Република Македонија

Годишниот извештај за спроведување на Просторниот план на Република Македонија претставува интегрален документ за континуирано следење на состојбите и промените во просторот на Република Македонија во текот на една календарска година, со цел согледување на спроведувањето на Просторниот план во сите релевантни области за планирање на просторот: демографија, користење и заштита на природните ресурси, урбанизација, селски населби, инфраструктурни и телекомуникациски системи, економски основи на просторниот развој, развој и разместеност на индустријата, туризмот, домувањето, јавните функции, природното и културно наследство, заштитата на животната средина, заштитата од воени разурнувања, природни и техничко-технолошки катастрофи, просторен информациски систем итн.

Обврската за изработка на Годишниот извештај произлегува од Законот за спроведување на Просторниот план на Република Македонија (“Сл. весник на РМ” бр.39/04). Согласно член 7, Владата на Република Македонија, на предлог на министерството надлежно за работите на просторното планирање, доставува до Собранието на Република Македонија, Годишен извештај за спроведување на Просторниот план.

Годишниот извештај ги сублимира превземените активности и тековните состојби и промени во секој сегмент на просторниот систем врз основа на годишните извештаи коишто извештајните единици ги доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на просторното планирање.

Извештајните единици односно органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа, јавните служби, организациите, претпријатијата, установите, институциите и другите правни лица, поединечните годишни извештаи за состојбите и промените во просторот во својата област, ги доставуваат на Информативен лист според Образецот утврден со Правилникот за постапката, начинот на изготвување, содржината на извештаите за состојбите и промените во просторот и роковите за нивно доставување (“Сл. весник на РМ” бр. 42/05, бр. 111/06 и бр. 17/10).