Услови за планирање на просторот

Согласно член 4 од Законот за спроведување на Просторниот план на Република Македонија (Сл. весник бр. 39/04), Просторниот план се спроведува со изготвување и донесување на просторни планови на региони, просторни планови на подрачја од посебен интерес, просторни планови на општините и на Градот Скопје, како и со урбанистички планови за населените места, Државна и Локална урбанистичка планска документација, Урбанистичко-планска документација за: туристичко-развојни зони, автокампови и градби од посебен интерес, Проект за инфраструктура и друга документација за планирање и уредување на просторот, предвидена со закон.

За изготвување и донесување на овие планови, Министерството за животна средина и просторното планирање, издава Решение за Услови за планирање на просторот. Услови за планирање на просторот не се бараат додека е на сила истиот Просторен план на Република Македонија според кој претходно се издадени услови за планирање на просторот за истиот плански опфат.

Условите за планирање на просторот, содржат општи и посебни одредби, насоки и решенија од планската документација од повисоко ниво и графички прилог или прилози кои ги прикажуваат решенијата на Планот.

Барањето за добивање Решение за Услови за планирање на просторот, го поднесува донесувачот на Планот, односно инвеститорот, до Министерството за животна средина и просторното планирање. Со барањето се доставува:

  • графички прилог со граница на проектниот зафат, исцртан на топографска карта
  • графички прилог со план на намена на површини,
  • текстуален прилог со проектна програма и
  • известување од единицата на локалната самоуправа на чие подрачје е проектниот зафат дека предложениот зафат не е во состав на плански опфат на важечки урбанистички план или на урбанистички план во постапка на донесување.

Условите за планирање на просторот се издаваат во рок од 15 дена од денот на поднесеното барање.

Трошоците за изработување на условите за планирање на просторот паѓаат на товар на барателот.

Упатство за услови за планирање на просторот