28. Меѓународен салон за урбанизам во Ниш

Агенцијата за планирање на просторот учествуваше на 28. Меѓународен салон за урбанизам во Ниш во ноември 2019 година, со труд насловен: „Методологија на планирање на просторот со вреднување на локации за изградба на фотоволтаични централи“ во категоријата – Истражување, студии и проекти во областа на просторното и урбанистичкото планирање, за којшто труд доби Признание од стручната жири комисија.

МЕТОДОЛОГИЈА НА ПЛАНИРАЊЕ НА ПРОСТОРОТ СО ВРЕДНУВАЊЕ НА ЛОКАЦИИ ЗА ИЗГРАДБА НА ФОТОВОЛТАИЧНИ ЦЕНТРАЛИ

Оваа методологија воспоставува врска меѓу стратешкото (ППРМ) и деталното планирање (УПВНМ) преку анализа на просторните можности и клучните индикатори. Појдовни елементи од ППРМ се: зони со режими на заштита во кои се исклучуваат вакви содржини; електро-енергетска инфраструктура на која ќе се приклучи инсталацијата; патна инфраструктура која овозможува пристап. Вреднувани се три индикатори поврзани со теренот: осонченост, наклони и стабилност и на истите им се доделени тежински коефициенти чија збирна вредност ги категоризира локациите со најдобар потенцијал. За најповолната локација е изработено урбанистичко решение.