Просторен План на Националниот парк Галичица (2010-2020), во изработка

Просторниот план на Националниот парк Галичица е стратешки плански документ кој претставува разработка на Просторниот план на РМ и Просторниот план на Охридско-преспанскиот регион. Планот го опфаќа просторот кој согласно националните и меѓународни ИУЦН стандарди е валоризиран и заштитен како национален парк. Паркот за прв пат е прогласен во 1958 год., со донесување на Закон за прогласување на шумските предели на планината Галичица за Национален парк, од Народното собрание на Народна Република Македонија. Согласно Законот за заштита на природата и извршената ревалоризација, донесен е новиот Закон за прогласување на дел од планината Галичица за национален парк (Службен весник на РМ, бр. 171 од 30.12.2010 год), со кој подрачјето на Галичица е повторно прогласено за Национален парк. Просторниот план на Националниот парк Галичица е долгорочен интегрален и стратешки документ кој претставува обид за воспоставување баланс помеѓу барањата за обезбедување економски развој на регионот, социјална благосостојба на населението и еколошка рамнотежа. Планските решенија кои исцело се потпираат на принципите на одржлив развој ќе обезбедат:

  • Дефинирање на рационален и оптимален просторен модел за организација и користење на просторот и зачувување на биодиверзитетот и заштита на природните вредности кои го чинат националниот парк;
  • Координирање на просторниот развој во насока на одржливо управување со природните и културните ресурси;
  • Обезбедување на услови за одржлив урбан развој на населбите и подигнување на квалитетот на живеење;
  •  Ревитализација на руралниот простор, постојните структури и капацитети и традиционалните начини на стопанисување;
  •  Дефинирање на потребната просторно-планска документација за уредување и обликување на просторот и утврдување на урбанистичко-технички услови за уредување на просторот.

За интегрален економски развој и кохезија на целиот простор на Националниоот парк “Галичица” врз одржливи основи поставен на строгите мерки на заштита на природните вредности потребно е да се обезбеди перманентна кооперација на локалната и националната власт, Управата на Паркот, месното население, бизнис заедницата и невладиниот сектор со цел зголемување на инвестициите, отварање на нови работни места како услов за економски раст и подобрување и просперитет на економската положба на населението во границите на Националниот парк.

Концептот за развој предвидува доминација на туристичката дејност во сите расположиви видови, во сите населби и на целиот простор на Националниот парк со исклучок на строго заштитените простори, потоа развој на земјоделството, трговијата и занаетчиството.

Со Планот се утврдуваат четири зони за заштита во рамките на кои се определува и видот на економската активност:

  • Зона за строга заштита,
  • Зона за активно управување,
  • Зона за одржливо користење и
  • Заштитен појас.