Просторен план на Националниот Маврово (2012г. – 2030г.), во изработка

Просторниот план на Националниот парк Маврово, како подрачје од посебен интерес за Државата, претставува разработка на Просторниот План на Република Македонија и долгорочна стратегија за уредување и користење на просторот на Паркот врз основа на принципите на одржливиот развој, а во функција на ефикасна заштита на природните и културно – историските вредности на просторот.

Планот се однесува на заштитеното подрачје НП Маврово, за прв пат прогласено во 1949 год. односно во 1952 год. кога се направени измени со кои површината е зголемена за шест пати. Согласно Законот за природа, во тек е постапка за ревалоризација и репрогласување на Маврово за Национален парк. Во границите на Националниот парк Маврово се наоѓаат 38 села, административно распоредени во општина Маврово и Ростуша (37) и општина Гостивар (1).

Основните цели на просторниот развој произлегуваат од усвоените цели и определби за просторен развој на Република Македонија и од специфичноста на ова подрачје во просторно-функционална смисла, односно чувствителноста на просторот од аспект за заштитата на животната средина и природните вредности. Просторниот план има задача да обезбеди зачувување на природните карактеристики со одржување на шумските екосистеми во релативно изворна или затекната состојба, а во склад со релевантната законска регулатива, со современите начела на заштита, кои во услови на глобализација на развојните и еколошките прашања ги усвоил современиот свет. Според тоа, а следствено на фактот дека Националниот парк Маврово претставува комплексно просторно-функционално подрачје со специфични природни, еколошки и економски вредности, основните цели на неговиот просторен развој и уредување се:

  • Дефинирање на рационален и оптимален просторен модел за организација и користење на просторот и зачувување на биодиверзитетот и заштита на природните вредности кои го чинат Националниот парк;
  • Координирање на просторниот развој во насока на одржливо управување со природните и културните ресурси;
  • Дефинирање на просторни услови за развој, како дел од интегралното управување во рамките на севкупниот систем за заштита на животната средина;
  • Утврдување на оптимална дистрибуција на активностите, физичките структури и населението, со почитување на еколошките, економските, техничко-технолошките, и просторно-функционалните критериуми;
  • Обезбедување на услови за одржлив урбан развој на населбите и подигнување на квалитетот на живеење;
  • Ревитализација на руралниот простор, постојните структури и капацитети и традиционалните начини на стопанисување;
  •  Дефинирање на потребната просторно-планска документација за уредување и обликување на просторот и утврдување на урбанистичко-технички услови за соодветна изградба/реконструкција и уредување на просторот во согласност со намената и зонирањето на просторот.