Награди на 20-от Салон за урбанизам во Ниш

Во галеријата Србија во Ниш, во периодот од 8-ми до 15-ти ноември 2011г., под покровителство на Градот Ниш, а во организација на ЈП Завод за урбанизам, Друштво на урбанисти во Ниш и Здружение на урбанисти на Србија, беше одржан јубилеен 20ти меѓународен Салон за урбанизам.Годинава изложени се 19 просторни планови, 2 генерални урбанистички планови, 18 генерални регулациски планови, 14 детални регулациски планови, 16 урбанистички проекти и реализации, 9 конкурсни решенија, 20 истражувачки студии во областа на урбанизмот, 7 трудови во категоријата за заштита na животната средина преку студии и планови, 3 трудови во категоријата за примена на информатичката технологија, 12 публикации и 17 студентски трудови. Како единствен претставник од Македонија, како и во изминатите две години и годинава на Салонот за урбанизам 2011, учествуваше Агенцијата за планирање на просторот на Република Македонија. Имено, во изминатите години Агенцијата има освоено повеќе награди меѓу кои најзначајни се втората награда за Просторниот план на Охридско-Преспанскиот регион во 2009тата во конкуренција од 120 различни трудови, и прва награда и највисока оценка за Просторниот план на Националниот парк Галичица. Како и во изминатите години и годинава Агенцијата доби признанија и тоа три награди за три различни трудови во различни категории. Во категоријата 09 – Примена на информатички технологии, во конкуренција од 3 трудови, Агенцијата за планирање на просторот доби прва награда за интегрирање на DMS (Document Menagment System) и GIS (Geographic Information System). Основната цел на проектот е воспоставување стандардизирана и структуирана база на документи и податоци во максимална систематизација на повторливите работни процеси. Во категоријата 04 – Детални регулациски планови, во конкуренција од 14 планови, Деталниот урбанистички план за Нов Универзитетски Клинички Центар освои втора награда. Планот е изработен во нацрт фаза во 2011г. Имено, планот се изработува на локација која е во согласност со Генералниот урбанистички план на Скопје (2001-2020), а изразена е и погодноста на Greenfield локација која беше во препораките од Физибилити студијата изработена од Европската банка за обнова и развој. Во категоријата 10 – Публикации, во конкуренција од 12 изложени публикации, публикацијата за Просторниот план на Охридско-Преспански регион, издадена во 2011г., изработена од Агенцијата за планирање на просторот доби признание. Имено, публикацијата го претставува Просторниот план на Охридско-Преспанскиот регион, кој е разработка на Просторниот план на Република Македонија, а Собранието на Република Македонија на одржаната седница на 11.02.2010 го прогласи за усвоен.