МЕТОДОЛОГИЈА ЗА ИЗРАБОТКА НА ПРОСТОРНИ ПЛАНОВИ

ПРОСТОРЕН ПЛАН НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

МЕТОДОЛОГИЈА ЗА ИЗРАБОТКА НА ПРОСТОРНИ ПЛАНОВИ

Потребата од хармонизација со европскиот пристап во планирањето, како една од непходните чекори за приближување и подготовка за пристап кон Европската унија од една и изминувањето на планскиот период на просторниот план на Република Македонија, како и бројните и бутни општествено-економски и други промени во Државата, ја потврдија ургентноста на потребата од донесување на нов просторен план на Република Северна Македонија.

Фокусот на планирањето насочен кон одржливиот развој, адаптација кон климатските промени и новата урбана агенда, укажаа на потреба од поинаква методолошка матрица за пореално, поостварливо и пофлексибилно планирање како ефикасна алатка за спроведување на националната политика на планирање и уредување на просторот со активна партиципација на регионалните и локални фактори на развој.

Оттука произлезе и потребата за изработка на нов просторен план на Република Северна Македонија со плански период 2020-2040 да се подготви нова, актуелна и иновативна методологија.

Методологијата ќе се применува и при изработка на сите просторни планови кои претставуваат разработка на Просторниот план на Република Северна Македонија (просторни планови на региони, подрачја од посебен интерес за државата и просторни планови на општини), на начин кој подразбира усогласување на содржината, нивото на обработка на одредени аспекти и обем на истражување на областите кои планот ги разработува со значењето, карактерот и спецификите на просторниот план кој е предмет на разработка.

Методологијата е ориентирана кон примена на новите сознанија и искуства во науката и праксата во оваа област, базирана на креативност и иновативност промовирајќи пристап прилагодлив на брзите и зачестени промени и потреби на современиот човек во користењето и управувањето со просторот.

Предложениот методолошки пристап е во функција на обезбедување на идната дистрибуција на сите човекови активности во просторот со интенција да се креира порационална и реалистична организација на користење на земјиштето и воспоставување балансиран развој во просторот преку поттикнување на врските и релациите на сите нивои на планирање на различните секторски области како дел од целиот систем на организација на националниот простор респектирајќи ги европските трендови и светски предизвици поставени врз премисата за одржлив развој и заштита на просторот.

Методологијатa, во рамките на истражувачкиот процес, овозможува идентификување на бенефитите и предизвиците со кои се соочува државата, поделбата на улогите и одговорностите, фазите и етапите во процесот на креирање на просторните планови и на крај утврдување на конкретни мерки и активности за реализација на планските решенија преку интегрален и континуиран процес на планирање на просторот.